Поранешната германска канцеларка Ангела Меркел изјави дека силата на Европската унија е во единството, дека треба посвесно да дејствува на глобалната сцена и дека мора да се вклучи во преговорите за завршување на војната во Украина.
На дигиталната конференција re:publica на германската јавна телевизија WDR, Меркел рече дека европските земји мора да вложат поголеми дипломатски напори за да се стави крај на војната во Украина.
Таа ја поддржа воената помош на европските земји за Украина во војната против Русија, но посочи дека дипломатските напори се само „другата страна на иста паричка“ и дека Европа има обврска да дејствува како посредник.
„Би било грешка да се потцени Путин. Но, грешка е и ако се потценуваме себеси“, рече Меркел вечерта на 18 мај во Берлин, објави германската јавна телевизија.
Меркел, која долги години беше на чело на германската владејачка демохристијанска ЦДУ, рече дека не е доволно американскиот претседател Доналд Трамп да се претставува како посредник во мировните преговори меѓу Москва и Киев, туку дека мора да биде вклучена и Европа.
Според Ангела Меркел, американската администрација под претседателот Трамп во моментов води стратегија насочена кон слабеење на институциите на Европската унија, што не беше случај порано.
САД, оцени таа, долго време позитивно го следат формирањето на ЕУ. Во светската политика евидентно е дека правото на посилниот доби на значење и кој е моќен ја користи таа моќ, рече Меркел во разговор со новинарите.
Ниту една европска земја не може сама да се спротивстави на тоа, а единството во ЕУ е уште поважно, рече Меркел.
Запрашана за тоа што нејзиното име неодамна се споменуваше во дискусиите за можен европски посредник за Украина, таа рече дека одговорноста за таквата работа сè уште ја гледа кај сегашните државници.
Потсетувајќи дека во времето на руската анексија на Крим во 2014 година, таа лично разговарала со Путин, таа рече дека никогаш не ни помислила да испрати посредник во нејзино име.
На прашањето за сопствената иднина, Меркел рече дека се уште е „политички свесен граѓанин“ и дека е среќна што ја слушаат, но категорично ја отфрли можноста да ја преземе функцијата германски претседател, за што често медиумите шпекулираат.
Таа должност, рече таа, бара некој со поголема сила. „Бев канцелар 16 години. Знаете ли што значи тоа“, рече Меркел.

