Кина демантираше дека Си му рекол на Трамп оти Путин ќе зажали за Украина

Сподели со своите пријатели

Кина ги отфрли наводите на западните медиуми дека претседателот Си Џинпинг во разговор со американскиот претседател Доналд Трамп изразил оценка дека рускиот претседател Владимир Путин на крајот може да зажали за одлуката да започне воена операција во Украина.

Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Гуо Џиакун, во одговор на прашањето на ТАСС за текстот на „Фајненшл тајмс“ рече дека таквите наводи не соодветствуваат со реалноста.

„Информациите што ги дадовте се спротивни на фактите и се чиста измислица“, рече Гуо.

Демантот на Пекинг дојде во пресрет на дводневната државна посета на Владимир Путин на Кина, која започнува денеска и ќе трае до 20 мај.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  НАТО авион собори украински дрон над Естонија

Посетата беше организирана на покана на кинескиот претседател Си Џинпинг, а кинеското Министерство за надворешни работи претходно официјално објави дека рускиот претседател ќе престојува во Кина на 19 и 20 мај.

На брифингот во Пекинг, Гуо Џиакун истакна дека кинеската страна очекува дека средбата меѓу двајцата лидери дополнително ќе ги подобри односите меѓу двете земји.

Според него, под стратешкото водство на Си и Путин, пријателството меѓу Кина и Русија „кое се пренесува од генерација на генерација“ ќе биде уште поцврсто вкоренето меѓу народите на двете земји. Кинеските државни медиуми објавија дека ова е 25-та посета на Путин на Кина.

Пред пристигнувањето во Пекинг, Путин во видео обраќање пред кинеската јавност изјави дека Москва и Пекинг продолжуваат да ја прошируваат соработката и дека односите меѓу двете земји играат стабилизирачка улога во меѓународните ситуации.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Иран постави шест услови за мир

Тој го нарече Си Џинпинг добар пријател долги години и оцени дека личните контакти на двајцата лидери помагаат да се постават амбициозни планови за иднината.

„Искрено ја ценам посветеноста на претседателот Си Џинпинг за долгорочна соработка со Русија. Верувам дека нашите добри, пријателски контакти ни помагаат да ги претставиме најамбициозните планови за иднината и да ги реализираме“, рече Путин.

Според најавите од Пекинг, разговорите меѓу Кси и Путин ќе бидат посветени на билатералната соработка, како и на меѓународни и регионални прашања од заеднички интерес.

Ројтерс објави дека Гуо Џиакун најави размена на мислења за соработка во сите области на билатералните односи, како и за теми кои се важни за двете страни.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Стигна предупредување од Кремљ: Ни се заканува војна од висок интензитет со НАТО

Посетата на рускиот претседател следеше веднаш по престојот на Доналд Трамп во Кина, која американскиот претседател ја оцени како неверојатна, тврдејќи дека Вашингтон и Пекинг постигнале неколку економски договори.

Сепак, во пресрет на средбата со Путин, кинеската страна испрати јасна порака дека односите со Москва не ги гледа низ призмата на западните медиумски толкувања, туку како стратешко партнерство кое Пекинг има намера да продолжи да го развива.