„ЉУБОВ ЗА СИТЕ“ вечерва во Куманово во чест на уметницата Андријана Мациев

Сподели со своите пријатели

Во Занаетчискиот дом во Куманово вечерва, со почеток во 19 часот, ќе се одржи манифестацијата „ЉУБОВ ЗА СИТЕ“, посветена на ликот и делото на прерано починатата македонска уметница Андријана Мациев.

Настанот, кој годинава се организира по 11-ти пат, за првпат ќе се одржи во Куманово и ќе понуди богата културно-уметничка програма во чест на уметницата, позната по своите ликовни изложби, перформанси, учества на ликовни колонии и хуманитарна дејност.

Во рамки на манифестацијата ќе бидат изложени 20 дела од трите ликовни циклуси на Андријана Мациев – „Живот во бои“, „Женски приказни“ и „Шарени вибрации – Разбуди се, погледни во сонцето и насмевни се“.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Кумановец фалсификувал диплома од средно училиште за да се вработи

Пред посетителите ќе бидат промовирани и двата алманаха со наслов „ЉУБОВ ЗА СИТЕ“, создадени од повеќе автори инспирирани од животот и творештвото на уметницата.

Ќе биде претставена и третата автобиографска книга „ЈАС СУМ ЖИВА“, која Андријана ја пишувала за време на нејзината борба со канцерот, а по нејзината смрт ја довршила нејзината мајка. Книгата претставува лично сведоштво и животна приказна која, според организаторите, никого не остава рамнодушен.

Манифестацијата ќе ја води Јулија Мациевска, мајка на Андријана Мациев, која е позната како естраден уметник, новинар и ТВ водител.

Никола Ивановски