Од полноќ нови цени на горивата

Сподели со своите пријатели

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) денеска донесе одлука за намалување на цените на дел од нафтените деривати.

Дизел горивото од ноќеска на полноќ ќе биде поевтино за 4 денари по литар, а цената на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-98 се намалува за 0,5 денари по литар.

Во просек, малопродажните цени на нафтените деривати се намалуваат за 1,78 отсто.

Според новата одлука, малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) ќе изнесува 89,5 денари за литар, додека ЕУРОСУПЕР БС-98 ќе се продава за 86,5 денари за литар. Цената на ЕУРОСУПЕР БС-95 останува непроменета и ќе изнесува 85 денари за литар.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Димитриевски ги повика граѓаните со свои идеи да учествуваат во креирањето на буџетот за 2027 година

РКЕ одлучи и за намалување на цената на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) за 4,5 денари, па новата цена ќе биде 94 денари. Од друга страна, малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,248 денари и ќе изнесува 49,968 денари за килограм.

Од Комисијата посочуваат дека референтните цени на светскиот пазар, во споредба со претходната пресметка, бележат намалување кај бензините во просек за 0,444 отсто, кај дизелот за 6,073 отсто и кај екстра лесното масло за 6,495 отсто, додека кај мазутот е забележано зголемување од 0,791 отсто. Воедно, курсот на денарот во однос на доларот, според кој биле формирани претходните цени, е понизок за 0,1199 отсто.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  По продолжениот викенд, се менува часовникот

Од РКЕ нагласуваат дека станува збор за максимално утврдени цени, а трговците на големо и мало можат да ги формираат цените и пониско од утврдениот максимум.