На 1 мај во Грција ќе се одржи 24-часовен национален штрајк по повод Денот на трудот, организиран од Панхеленската поморска федерација (ПНО), на кој ќе се придружат работниците во поморскиот и јавниот транспорт.
За време на штрајкот, сите бродови ќе бидат закотвени од 00:01 до 24 часот, што целосно ќе го запре крајбрежниот и поморскиот сообраќај на кратки релации и ќе влијае на движењето на патници и стока, објави Прототема.
Покрај поморскиот сектор, суспензиите ќе влијаат и на железничкиот и градскиот транспорт.
Метрото, трамваите и приградските железници нема да сообраќаат во текот на целиот ден, додека возовите и приградските линии ќе бидат целосно запрени.
Автобусите и тролејбусите ќе сообраќаат само делумно, во временските интервали помеѓу 9 и 21 часот, поради дополнителни суспензии од работа на возачите и вработените во транспортот.
Синдикалните организации изјавија дека главните барања на штрајкот се подобрување на колективното договарање, зголемување на платите преку колективни договори, како и зајакнување на безбедноста и условите за работа во поморскиот и транспортниот сектор.
Се бара и модернизација на инфраструктурата, реновирање на железничката мрежа, поголеми инвестиции во јавниот превоз и трајно вработување на работници со цел покривање на потребите на системот, пренесува Танјуг.

