МВР со 24-часовен маратон со акции за контрола на брзината

Сподели со своите пријатели

Министерството за внатрешни работи ќе спроведува маратонски акции за контрола на брзината низ целата држава, како дел од засилените активности за зголемување на безбедноста во сообраќајот.

Во периодот од 13 до 19 април започнува европската акциска контрола на брзината на патиштата, во која македонската сообраќајна полиција, како членка на ROADPOL, активно ќе се вклучи со засилени проверки за санкционирање на возачите кои ја надминуваат дозволената брзина.

Во рамки на акцијата, на 15 април (среда) од 00:00 часот до 16 април (четврток) до 00:00 часот ќе се реализира 24-часовен „маратон на брзина“, при што ќе се вршат непрекинати контроли на територијата на целата држава.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Кумановец психички малтретирал и го избркал од дома 13-годишниот син

Од МВР посочуваат дека брзото возење и понатаму е една од главните причини за сообраќајни незгоди со тешки и смртни последици.

Токму затоа, со континуирани акциски контроли и со имплементацијата на проектот „Безбеден град“, се работи на подигнување на свеста кај возачите, промена на нивното однесување на долг рок и, пред сè, спасување човечки животи.

Дел од локациите каде ќе се вршат контролите ќе бидат однапред познати на јавноста, со цел да се засили превентивниот ефект на акцијата.

Надлежните нагласуваат дека фокусот не е само на казнување, туку на почитување на сообраќајните правила и создавање побезбеден сообраќај за сите учесници.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Ракометарите на Куманово утре го пречекуваат РК Пролет

Инаку, ROADPOL „Speed Marathon“ претставува координирана акција на сите европски сообраќајни полиции, која се спроведува истовремено низ патиштата во Европа.

Апелот до возачите е јасен – да ја намалат брзината и да ги почитуваат ограничувањата, бидејќи со тоа директно придонесуваат за спасување животи.

Никола Ивановски