Шведска ќе купи системи за противвоздушна одбрана (ПВО) и противдронови во вредност од 8,7 милијарди шведски круни (794,3 милиони евра), изјави денес министерот за одбрана на земјата, Пал Јонсон.
„Поважно е од кога било да се инвестира во капацитети за воздушна одбрана. Одбраната од воздушни закани е висок приоритет за владата и ќе склучиме повеќе договори за зајакнување на одбраната на Шведска“, рече Јонсон во соопштението, како што објави Ројтерс.
Тој рече дека испораките на системи за воздушна одбрана, меѓу другите од компаниите Сааб и БАЕ Системс, се очекуваат во 2027 и 2028 година.
Пакетот за воздушна одбрана што Шведска има намера да го купи ќе го вклучува системот противдронови Гуте II, систем за радар и топ што може да се монтира стационарно или на возила, пренесува Танјуг.
Тој систем за воздушна одбрана е наменет за заштита на воените единици, како и критична инфраструктура, како што се нуклеарните централи или железничките центри.

