Тројца индонезиски мировници на ОН беа убиени во два одделни инциденти во јужен Либан по крвавиот викенд во кој либански новинари и медицински лица беа убиени во израелски напади.
Двајца мировници беа убиени откако експлозија од непознато потекло го уништи нивното возило во близина на Бани Хајан во јужен Либан, соопштија мировните сили на ОН УНИФИЛ. Уште двајца војници беа ранети во експлозијата.
Претходно, друг индонезиски војник беше убиен во текот на ноќта од недела до понеделник кога ракета експлодираше во близина на една од позициите на групата во близина на јужнолибанското село Адхит ал-Кусаир. Во тој момент, друг мировник беше сериозно ранет.
Смртните случаи беа први меѓу мировниците на ОН во новата војна меѓу Израел и либанската вооружена група Хезболах што избувна на 2 март.
– Ова се два одделни инциденти и ние ги истражуваме како такви – изјави портпаролката на УНИФИЛ, Кандис Ардиел.
Како одговор на првата смрт, индонезиското Министерство за надворешни работи објави дека спружениот мировник бил еден од нејзините граѓани, а дека уште тројца други биле ранети од „индиректен артилериски оган“.
Индонезија го осуди инцидентот и рече дека каква било штета врз мировниците е неприфатлива, повторувајќи ја својата осуда на „израелските напади во јужен Либан“.
Израелската армија не коментираше веднаш за инцидентите.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, изјави дека нападите врз мировниците се сериозни прекршувања на меѓународното хуманитарно право и може да претставуваат воени злосторства.
– Силно ги осудуваме овие неприфатливи инциденти – мировниците никогаш не смеат да бидат цел – изјави шефот на УНИФИЛ, Жан-Пјер Лакроа, за новинарите на брифинг, објави телевизиската мрежа АЛ-Арабија.

