Украина ќе добие пари од земјите од Европската Унија за финансирање на своите воени напори, дури и ако Унгарија и Словачка продолжат да го блокираат ветениот заем од 90 милијарди евра, изјавија денес два дипломатски извори од ЕУ.
Доколку Унгарија и Словачка одбијат да одобрат заем за Украина на самитот во Брисел следната недела, балтичките и нордиските земји имаат план да ѝ дадат на Украина доволно пари за да ги задоволи своите потреби во првата половина од оваа година, изјавија за Политико двајца дипломати од ЕУ запознаени со разговорите.
Лидерите на ЕУ ќе се состанат на самит во Брисел следната недела во обид да ги убедат унгарскиот премиер Виктор Орбан и неговиот словачки колега Роберт Фиц да го одобрат заемот, кој треба да обезбеди две третини од парите што ѝ се потребни на Украина за да продолжи да се бори против руската инвазија до крајот на 2027 година.
Вкупниот износ што се разгледува за заем од балтичките и нордиските земји е 30 милијарди евра, што е една третина од вкупниот заем што ЕУ планира да ѝ го даде на Украина, изјави друго лице запознаено со разговорите, а бидејќи тоа би биле билатерални заеми, тие не бараат одобрение од ЕУ.
Унгарија, или која било друга членка на ЕУ, може да го блокира заемот од 90 милијарди евра и покрај тоа што веќе дала согласност во декември, бидејќи еден од законите што бараат одобрение пред да можат да се исплатат парите бара одобрение од сите земји-членки.
„Не е прв пат да се соочуваме со слични тешкотии со Унгарија. Ќе го дадеме овој заем на еден или друг начин“, рече европскиот економски комесар Валдис Домбровскис.

