Корпусот на Исламската револуционерна гарда (ИРГЦ) соопшти дека има „тотална контрола“ врз Ормускиот теснец, клучна рута за транспорт на нафта и гас, и предупреди дека секој брод што ќе се обиде да помине низ ризикува оштетување од проектили или залутани беспилотни летала.
Официјален претставник на морнарицата на ИРГЦ, Мохамад Акбарзадех, рече дека теснецот „во моментов е под целосна контрола на морнарицата на Исламската република“, објави „Тајмс оф Израел“.
Околу 20 отсто од дневната потрошувачка на нафта во светот поминува низ Ормутскиот теснец, кој е широк околу 33 километри во неговата најтесна точка и ги поврзува најголемите производители на нафта во Заливот, како Саудиска Арабија, Иран, Ирак и Обединетите Арапски Емирати, со Оманскиот Залив и Арапското Море.
Нафтените пазари се фокусирани на тензиите меѓу Техеран и неговите стари непријатели, САД и Израел, плашејќи се дека сеопфатен конфликт ќе го наруши снабдувањето и ќе го дестабилизира регионот.
Цените на нафтата во понеделникот скокнаа за дури 13 отсто на највисокото ниво од јануари 2025 година, бидејќи Иран и Израел ги засилија нападите.
Глобалното транспортирање веќе доживеа прекини поврзани со напади со беспилотни летала и ракетни напади од страна на бунтовниците Хути поврзани со Иран во Јемен, насочени кон бродови што пловат по Црвеното Море, по нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година, кој ја поттикна војната во Газа.

