Се зголемува минималната плата, а Владата ја утврдува висината која ќе важи од 2026 година согласно законските одредби. Ова го соопшти претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, на денешната седница на Економско-социјалниот совет, најавувајќи дека информацијата се очекува да биде разгледана и усвоена на следната владина седница.
Мицкоски истакна дека Владата во изминатиот период во најголем дел ги регулирала односите со синдикатите преку колективни договори со важност до крајот на мандатот.
„Откако сме како Влада избрани до сега, ги имаме регулирано односите со нашите колеги во најголем дел. Кога ќе кажам во најголем дел, тоа е 95 па и повеќе проценти, преку Колективни договори кои што имаат краен рок на реализирање до 2028 година“, вели Мицкоски.
Тој нагласи дека актуелната Влада презема обврски исклучиво во рамки на својот мандат и не носи одлуки со долгорочни финансиски импликации по 2028 година.
„Се однесуваме одговорно. Одговорно во рамките на мандатот кој што сме го добиле од граѓаните, не преземаме обврски како тоа што било случај во минатото за периодот после 2028 година, односно после мандатот на оваа Влада. Едноставно сакаме да сме одговорна влада“, рече Мицкоски.
Премиерот информираше и дека е постигнат договор со синдикатите УПОЗ и САДУ за повисоки плати на административните службеници, при што бил вклучен и поширок синдикален опфат.
„Што се однесува до останатите параметри, нашиот став е јасен за јавноста и тука немаме никаква дилема. Последното кое што требаше да го затвориме како би рекол условно кажано отворено прашање, тоа беше договорот кој го потпишавме со синдикатите УПОЗ и САДУ и тоа го завршивме“, кажа Мицкоски.
Во однос на минималната плата, тој појасни дека веќе е подготвена информацијата за нејзината висина за 2026 година.
„Денеска на дневен ред е информација за висината на минималната плата, која ќе биде во 2026 година согласно закон. Очекувам дека на следната владина седница да го поминеме и како Влада и потоа нормално согласно висината на минималната плата од април за март да почне истата да се исплатува“, истакна Мицкоски.
На крајот, премиерот порача дека институционалниот дијалог меѓу работодавците и работниците треба да продолжи и да се интензивира.
„Очекуваме да продолжи и да се интензивира бипартитниот дијалог помеѓу работодавачите и работниците. Ние како Влада секогаш стоиме на располагање да помогнеме во рамките на нашите можности и ингеренции“, дециден е Мицкоски.

