Европската унија изрази сериозна загриженост за најновите случувања во Иран, нагласувајќи ја важноста од зачувување на регионалната безбедност и стабилност.
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, објави на социјалната мрежа X и ги повика сите страни да покажат максимална воздржаност, да ги заштитат цивилите и да го почитуваат меѓународното право.
„Ја потврдуваме нашата цврста посветеност на зачувување на регионалната безбедност и стабилност. Обезбедувањето нуклеарна безбедност и спречувањето на какви било дејствија што би можеле дополнително да ги ескалираат тензиите или да го поткопаат глобалниот режим на неширење е од најголема важност“, се вели во соопштението.
Во тесна координација со земјите-членки, ЕУ нагласува дека ќе преземе сите потребни мерки за граѓаните на Унијата во регионот да можат да сметаат на целосна заштита и поддршка.
„Како одговор на дејствијата на убиствениот ирански режим и Револуционерната гарда, Европската унија воведе обемни санкции и постојано промовираше дипломатски напори насочени кон решавање на нуклеарната и балистичката програма преку договорено решение. Во тесна координација со земјите-членки на ЕУ, ќе преземеме сите потребни мерки за граѓаните на ЕУ во регионот да можат да сметаат на нашата целосна поддршка.“

