Американско-израелскиот напад врз Иран би можел да трае неколку дена

Сподели со своите пријатели

Американско-израелскиот напад врз Иран, кој започна во саботата наутро, може да трае неколку дена, изјавија американски извори за Ројтерс.

Американскиот претседател Доналд Трамп во саботата објави дека американската војска започнала голема борбена операција во Иран.

„Нашата цел е да го одбраниме американскиот народ со отстранување на непосредните закани од иранскиот режим“, рече Трамп во видеото споделено на социјалните мрежи.

Американскиот претседател вели дека Иран се обидел да ја обнови својата нуклеарна програма и дека земјата никогаш не смее да има нуклеарно оружје.

Според Трамп, Иран развива ракети со долг дострел кои ги загрозуваат САД и другите.

Трамп вети дека ќе ги „уништи“ ракетните капацитети на Иран и дека ќе ја „срамни со земја“ нивната ракетна индустрија и ќе ја уништи нивната морнарица.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Канцеларијата на врховниот лидер на Иран погодена во нападите?

Израел изврши превентивен напад

Пред тоа, Израел објави дека во саботата започнал превентивен напад врз Иран, туркајќи го Блискиот исток во нов воен конфликт и дополнително намалувајќи ги надежите за дипломатско решение на долгогодишниот нуклеарен спор на Техеран со Западот, јавуваат светските агенции.

Нападот, кој дојде откако Израел и Иран се вклучија во 12-дневна воздушна војна во јуни, доаѓа по повеќекратните американско-израелски предупредувања дека повторно ќе нападнат доколку Иран продолжи со својата нуклеарна и балистичка ракетна програма.

„Државата Израел започна превентивен напад против Иран со цел да ги елиминира заканите за државата Израел“, изјави министерот за одбрана Израел Кац.

Во саботата во Техеран и во други ирански градови се слушнале експлозии, објавија иранските медиуми.

Американски и израелски извори рекоа дека цел биле објекти на режимот и воени објекти, вклучително и локации за балистички ракети.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Русија повика на итна седница на Советот за безбедност на ОН поради нападот врз Иран

Дипломатските преговори во ќорсокак

САД и Иран ги обновија разговорите во февруари во обид дипломатски да го решат деценискиот спор и да ја избегнат заканата од воен конфликт што може да го дестабилизира регионот.

Израел инсистира на тоа дека секој договор на САД со Иран мора да вклучува отстранување на нуклеарната инфраструктура на Техеран, а не само запирање на збогатувањето, и лобираше во Вашингтон да вклучи ограничувања на иранската ракетна програма во разговорите.

Иран рече дека е подготвен да разговара за ограничувањата на својата нуклеарна програма во замена за укинување на санкциите, но ја отфрли можноста за поврзување на ова прашање со проектили.

Техеран најавува разорна одмазда

Техеран во саботата објави дека се подготвува да возврати на нападот врз голем број градови во Иран и дека „одговорот ќе биде поразителен“.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Настаните во Иран под будното око на Брисел

Иранските медиуми јавуваат дека освен во Техеран, експлозии се слушнале и во Табриз, Исфахан, Ком и Керманшах.

Според официјални ирански извори што ги објави Ројтерс, Израел цели на неколку згради на министерството во Техеран.

Американските напади врз Иран се изведуваат од воздух и од море, изјави американски претставник за Ројтерс во саботата, потврдувајќи дека целите биле воени цели.

Иранската агенција Тасним објави дека седум ракети ја погодиле областа во близина на претседателската палата и комплексот на врховниот верски водач во Техеран.

Претходно, иранските медиуми објавија дека иранскиот врховен лидер ајатолахот Али Хамнеи бил префрлен на безбедна локација надвор од Техеран, а подоцна беше објавено дека иранскиот претседател Масуд Пезешкијан е „безбеден и здрав“.