Јапонскиот стартап SkyDrive In го изврши првиот демонстративен лет на својот „летачки автомобил“ во Токио, како дел од плановите за започнување комерцијални операции до 2028 година.
Авионот SD-05, напојуван со батерии, опремен со 12 ротори, е способен да лета на растојание од 15 до 40 километри, а за време на тестот летал 150 метри над Токискиот залив, објави Кјодо.
Авионот, кој може да носи до три лица, е дизајниран да слетува во помали простори, што го прави погоден за урбани локации.
За време на демонстрацијата, беше прикажан и терминал за оператори на летачки автомобили, кој го контролира полетувањето и слетувањето, користејќи систем за препознавање лица за регистрација на патници.
„SkyDrive“ се надева дека летачките автомобили ќе помогнат во решавањето на проблемот со сообраќајните метежи во Јапонија.
Компанијата планира да ги намали цените на билетите по 2030 година, кога би можеле да бидат конкурентни со возењето со такси, со потенцијално четири до пет пати побрзо патување, пренесува Танјуг.

