Чешкиот претседател Петр Павел изјави дека би било наивно да се очекува брз мировен договор меѓу Украина, Европа, Соединетите Американски Држави и Русија, нагласувајќи дека патот до договор ќе биде сложен и неизвесен.
Во интервју за чешкиот портал Odkryto.cz, Павел оцени дека приближувањето на позициите на Киев, европските престолнини и Вашингтон е значајно поместување во споредба со претходниот период, обележан со бројни контрадикторни изјави и различни пристапи кон решавање на кризата.
Сепак, како што истакна, клучното прашање не е усогласување на позициите на Украина и нејзините сојузници, туку постигнување договор за условите на мировниот договор со Москва како завојувана страна.
Според него, Русија досега покажала мала подготвеност за преговори и компромиси, инсистирајќи на, како што изјави, „максималистички барања“.
Затоа повика на зголемен политички, финансиски и економски притисок врз Москва, заедно со континуирана воена поддршка за Киев.
Во меѓувреме, беше најавена третата рунда трилатерални разговори меѓу претставници на Украина, Русија и САД, кои ќе се одржат на 17 и 18 февруари во Женева.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека фокусот на разговорите ќе биде на територијалното прашање, кое во моментов се покажува како најчувствителна точка во обидите за наоѓање политичко решение.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, го потврди истото, посочувајќи дека статусот на спорните територии ќе биде централна тема на претстојните консултации.
Оценувајќи ја моменталната динамика, Павел рече дека, и покрај одредено приближување на позициите на западните сојузници, вистинскиот предизвик допрва доаѓа – доколку не се постигне договор со Москва за основните принципи на идниот договор, сите претходни дипломатски напори би можеле да останат без конкретен резултат.

