Канада и Франција денеска отворија конзулати во главниот град на Гренланд во знак на поддршка за Данска поради американските планови да ја преземат контролата врз автономната данска територија.
Канадската министерка за надворешни работи Анита Ананд официјално го отвори конзулатот во главниот град Нук, најголемиот на ледениот арктички остров, додека десетици присутни ја пееја канадската национална химна за време на кревањето на знамето на оваа северноамериканска земја.
„Значењето на денешното подигање на ова знаме и официјалното отворање на конзулатот е во тоа што ќе застанеме заедно со народот на Гренланд и Данска за многу прашања“, рече Ананд.
Ананд најави продлабочување на врските во одбраната, безбедноста, климатските промени, економската отпорност и арктичката соработка.
Министерството за надворешни работи на Франција соопшти дека Жан-Ноел Поаре ќе ја преземе функцијата генерален конзул, со што ќе стане првата земја од Европската унија со Генерален конзулат на Гренланд.
Американскиот претседател Доналд Трамп минатиот месец најави дека ќе воведе нови царини за Данска и другите европски земји кои се противат на преземањето на Гренланд од страна на САД, но потоа ги отфрли тие закани.
Техничките преговори меѓу САД, Данска и Гренланд за арктичкиот безбедносен договор започнаа минатата недела.
Министрите за надворешни работи на Данска и Гренланд се согласија да формираат работна група за време на состанокот со американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс и државниот секретар Марко Рубио, пред Трамп да се закани со нови царини.

