Американските и иранските претставници треба да се сретнат денес во Оман на директни разговори за нуклеарната програма, во време на криза што предизвикува стравувања од воен конфликт меѓу двете земји.
Деталите од разговорите, само неколку часа пред да започнат во главниот град на султанатот, Мускат, не се познати.
Агенцијата ИРНА објави дека министерот за надворешни работи на Иран, Абас Арагчи, како и неколку ирански дипломати, пристигнале во Оман синоќа.
Од американска страна, разговорите веројатно ќе ги води специјалниот претставник на САД за Блискиот Исток, Стив Виткоф, долгогодишен пријател на американскиот претседател Доналд Трамп.
Џаред Кушнер, зет на Трамп, кој во последните недели беше вклучен во предлозите за Појасот Газа и учествуваше во новата рунда преговори меѓу Украина и Русија што заврши вчера, со посредство на САД, е со Виткоф на Блискиот Исток.

