Индија се согласи да купува нафта, воена стока, електроника, фармацевтски производи и телекомуникациски производи, како и авиони од Соединетите Американски Држави како дел од трговскиот договор, изјави денес за Ројтерс владин претставник.
Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека е постигнат трговски договор со Индија во кој американските царини за индиските стоки се намалени на 18 проценти од 50 проценти, во замена за суспендирање на купувањето руска нафта и намалување на трговските бариери, објави Ројтерс.
Трамп рече дека Индија се согласила да купува американски стоки на многу повисоко ниво, вклучувајќи енергија, јаглен, технологија, земјоделски и други производи во вредност од 500 милијарди долари.
Неименуван индиски функционер рече дека одлуката за купување американски стоки е донесена за да се намали трговскиот дефицит што САД го имаат со Индија.
Министерството за трговија на Индија не одговори на барањето за коментар.
Извозот на Индија во САД се зголеми за 15,88 проценти на годишно ниво на 85,5 милијарди долари во периодот јануари-ноември, додека увозот од САД изнесуваше 46,08 милијарди долари, според податоците од Министерството за трговија на Индија.
Службеникот изјави дека обврската за купување се однесува на сектори како што се фармацевтската индустрија, телекомуникациите, одбраната, нафтата и авионската индустрија и ќе се спроведува во текот на неколку години.
Тој додаде дека Индија понудила пристап до пазарот за некои земјоделски производи, без да прецизира повеќе.
Според него, постигнатиот договор претставува прва фаза, додека за посеопфатен договор ќе се преговара во наредните месеци.
Индија, како дел од договорот, ги намали царините за автомобили како дел од барањето на Вашингтон за намалување на трговскиот дисбаланс.
Објавувањето на договорот имаше позитивно влијание врз пазарите, при што индискиот референтен ценовен индекс Nifty 50 порасна за речиси три проценти, додека рупијата зајакна за повеќе од еден процент на 90,40 за долар во раното тргување, пренесува Танјуг.

