Американскиот претседател Доналд Трамп во четврток изјави дека САД имаат „армада“ упатена кон Иран, додавајќи дека се надева дека нема да мора да ја користи и повторно го предупреди Техеран да не користи насилство против демонстрантите или да ја обнови својата нуклеарна програма.
Неименувани американски претставници за Ројтерс изјавија дека носачот на авиони „УСС Абрахам Линколн“ и неколку разорувачи со водени ракети ќе пристигнат на Блискиот Исток во наредните денови.
Еден функционер рече дека САД, исто така, размислуваат за воспоставување дополнителни системи за воздушна одбрана на Блискиот Исток, што би можело да биде неопходно за одбрана од евентуални ирански напади врз американските бази во регионот.
Зголеменото воено присуство му дава на Трамп нови можности и да ги брани американските бази во регионот во услови на зголемени тензии, и да преземе дополнителни воени акции против Техеран, по бомбардирањето на нуклеарните објекти на Иран минатиот јуни.
„Многу од нашите бродови пловат во таа насока, за секој случај… Би сакал ништо да не се случи, но ги следиме многу внимателно“, им рече Трамп на новинарите во „Ер Форс Уан“ на враќање кон САД по средбата со светските лидери во Давос.
Во друг момент, претседателот рече: „Имаме армада… која оди во таа насока и можеби нема да мора да ја користиме“, цитираше Ројтерс.
Воените бродови тргнаа од Азиско-пацифичкиот регион минатата недела, додека тензиите меѓу Иран и САД се зголемија откако Техеран ги потисна демонстрантите кои протестираа во последните неколку месеци.
Трамп постојано се закануваше дека ќе интервенира поради убивањето на демонстрантите, но протестите престанаа минатата недела.
Потоа, американскиот претседател ја омекна реториката, тврдејќи дека Иран ги запрел егзекуциите на затворениците.
Тој го повтори тоа тврдење во четврток, истакнувајќи дека Техеран откажал речиси 840 егзекуции по неговите закани.
„Реков: „Ако ги обесите тие луѓе, ќе доживеете удар каков што никогаш порано не сте доживеале. Она што го направивме со вашата иранска нуклеарна програма ќе изгледа како вистинска ситница“, им рече Трамп на новинарите.
„Еден час пред да се случи ова злосторство, тие ги откажаа (егзекуциите)“, рече американскиот претседател, нарекувајќи го потегот „добар знак“.
Американската војска во минатото периодично испраќаше воени сили на Блискиот Исток во моменти на зголемени тензии, забележува Ројтерс.
Трамп рече дека САД ќе дејствуваат ако Техеран ја рестартира својата нуклеарна програма откако американските сили ги бомбардираа нуклеарните постројки на Иран минатиот јуни.
„Ако се обидат да ја обноват (нуклеарната програма), ќе мора да одат во друга област. И ние ќе ги бомбардираме таму, исто толку лесно“, рече тој во четврток.
Иран мора да му пријави на надзорниот орган на ОН, Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), што се случило со постројките што ги бомбардираа САД и нуклеарниот материјал за кој се верува дека е таму.
Меѓу другото, ова вклучува околу 440,9 килограми ураниум збогатен до чистота од 60 проценти.
Таа количина, во случај на дополнително збогатување, би можела да биде доволна за 10 нуклеарни бомби, според референтните вредности на МААЕ.
Агенцијата не ги потврди залихите на високо збогатен ураниум на Иран најмалку седум месеци. Според упатствата на надзорното тело, ова треба да се прави на месечна основа.
Ширењето на иранските протести
Досега не е познато дали протестите повторно можат да се прошират во Иран.
Протестите започнаа на 28 декември како скромни демонстрации во Техеран поради економски проблеми и брзо се проширија низ целата земја.
Според податоците од американската група за човекови права ХРАНА, потврдено е дека во немирите загинале 4.519 лица, од кои 4.251 учествувале во протестите, додека уште 9.049 смртни случаи се под истрага.
Неименуван ирански функционер изјави за Ројтерс дека повеќе од пет илјади луѓе, вклучувајќи 500 припадници на безбедносните сили, се потврдени загинати.
На прашањето колку демонстранти се убиени, Трамп одговори: „Никој не знае… Мислам, многу е, без оглед на се“, пренесува Ројтерс.

