Иако проектот „Безбеден град“ веќе работи на подрачјето на Скопје, системот за автоматска детекција на сообраќајни прекршоци сè уште не е активиран во Куманово.
Иако првично беше најавено дека системот ќе стартува во Скопје, Куманово и Тетово, сепак Маја Арсовска-Манов, началничка во секторот за сообраќајни работи при МВР, во емисијата „Топ Тема“ на телевизија Телма појасни дека системот засега функционира само во главниот град.
Надлежните планираат негово проширување и во Куманово и Тетово до крајот на месецот.
Според најавите, целата држава би била опфатена со овој модел на надзор од следната година.
Арсовска-Манов истакна дека службите постојано постапуваат по пријави од граѓаните за дефекти или проблеми со опремата, поради што во моментот нема прецизни податоци за ефектите од системот.
Како што рече, потребен е подолг временски период за да може да се утврди дали бројот на прекршоците се намалува.
Камери има поставено и долж Коридорите 8 и 10, но и таму системот за откривање на прекршоци допрва треба да започне со работа.
Никола Ивановски

