Најмалку седум планинари, меѓу кои пет странци и двајца Непалци, загинаа кога лавина го погоди хималајскиот врв Џалунг Ри во округот Долака, соопшти експедициската агенција „Седум самит трекс“.
Инцидентот се случил вчера во 9:00 часот по локално време, објави денес Би-Би-Си.
Спасувачите досега пронајдоа две тела, додека се верува дека преостанатите пет се закопани во снегот.
Осум други планинари беа спасени и хоспитализирани во Катманду.
Меѓу загинатите се двајца Италијанци, еден Канаѓанец, еден Германец, еден Французин и двајца непалски водичи.
Спасувачките напори беа попречени од лошото време и логистичките проблеми, вклучително и тешкотиите при летање со хеликоптери.
Ова е најновиот во низата опасни настани во Непал овој месец, откако циклонот Монта предизвика обилни дождови и снежни врнежи, оставајќи десетици планинари заглавени на Хималаите.
Две Британки и една Иркиња неодамна беа спасени во западниот регион Мустанг, додека стотици планинари беа заглавени во близина на Еверест.
Спасувачките екипи сè уште работат на пронаоѓање на исчезнатите алпинисти.
Џалунг Ри се наоѓа во долината Ролвалинг во североисточен Непал, а планинарите на оваа надморска височина се соочуваат со мешавина од карпи, мраз и снег.

