Фотографскиот натпревар „Вики ја сака храната“на Википедија повторно во Македонија

Сподели со своите пријатели

Википедија на македонски јазик и здружението Викимедија МКД по трет пат го организираат фотографскиот натпревар „Вики ја сака храната“, повик за фотографирање традиционални јадења и специјалитети од Македонија, но и различни видови храна, специјалитети и оброци од целиот свет.

Право на учество имаат сите што ќе регистрираат (бесплатна) корисничка сметка на Википедија на македонски јазик или на Заедничка Ризница (Wikimedia Commons). Натпреварот е во тек и сите фотографии мора да бидат прикачени за време на одржување на натпреварот, од 1 ноември до 30 ноември 2025 година.

Целта на натпреварот е да се соберат  фотографии од различни видови јадења и специјалитети од светот, кои ќе бидат искористени во статиите за самите јадења и специјалитети на Википедија на македонски јазик.

Најуспешните учесници според оценката на стручно жири ќе бидат наградени со ваучери од Pix+. Фотографскиот натпревар предвидува три награди по бројност на фотографирани различни видови храна, традиционални јадења и специјалитети. Наградите се во вид на ваучери во износ од 400, 300 и 100 евра. Како посебна награда е предвидена и наградата за највисоко оценета фотографија, каде се предвидува ваучер во денарска противвредност во бруто-износ од 200 евра.

Повеќе детали за правилата на учество, видео-упатство за прикачување слики, пријавување, список на традиционални македонски јадења кои може да ги сликате и информации за останатите активности во рамки на натпреварот погледнете на следната врска, а самиот формулар за пријавување на учество е исто така достапен.

„Вики ја сака храната“ или Wiki Loves Food е првпат организиран во 2015 година од страна на Википедија Индија, локален огранок на Фондацијата Викимедија.

Интегрално соопштение