Осум лица беа повредени за време на евакуацијата на трговскиот центар „Нортвест центар“ во Франкфурт, откако посетителите пријавија дека слушнале нешто што звучело како истрели, што предизвика голема полициска интервенција, објавува „Билд“.
Околу 15:40 часот во саботата, полицијата добила пријава за истрели, по што започнала истрага за причината за звукот.
Подоцна било потврдено дека во трговскиот центар се пронајдени траги од употребени петарди, што би можело да биде причина за пријавените звуци што предизвикале паника и бегство на посетителите.
Осум лица беа повредени во обид да избегаат од наводната опасност.
Различни видеа споделени на социјалните мрежи го покажуваат апсењето на едно лице.
Според полицискиот извештај, апсењето не било поврзано со експлозиите, но лицето било уапсено поради попречување на работата на полицијата и подоцна било ослободено.
Трговскиот центар, кој се наоѓа во населбата Хедернхајм во Франкфурт, бил затворен неколку часа додека властите го истражувале инцидентот.

