Шефот на иранската дипломатија, Абас Аракчи, денес изјави дека Техеран не сака директни преговори со Соединетите Американски Држави за неговата нуклеарна или ракетна програма и повтори дека Иран нема да се откаже од збогатувањето на ураниум.
„Никогаш нема да преговараме за нашата ракетна програма и ниту една рационална личност не би се разоружала. Не можеме да го запреме збогатувањето на ураниум, а она што не може да се постигне со војна, може да се постигне со политика“, рече тој.
Аракчи рече дека иако Техеран не сака директни разговори со Вашингтон, може да постигне договор преку индиректни разговори, објави Ал Џезира.
Според него, Иран е подготвен да преговара за да ги отстрани загриженостите за својата нуклеарна програма и повтори дека нејзината природа е „мирна“.
„Постигнувањето фер договор е можно, но Вашингтон предложи неприфатливи и невозможни услови“, додаде иранскиот функционер.

