Израелските власти објавија дека рано утрово убиле тројца палестински борци за време на операција во северниот дел од окупираниот Западен Брег.
Израелската полиција соопшти дека тројцата биле застрелани додека излегувале од пештера во близина на Џенин, град во северниот дел на Западниот Брег познат како упориште на вооружени лица.
Израелската војска соопшти дека тие „учествувале во терористички активности во Џенин“, но не даде дополнителни детали.
Армијата претходно објави дека кратко по тој судир со милитантите, извршила воздушен напад врз таа пештера.
Израел ја зголеми воената активност на окупираниот Западен Брег од 7 октомври 2023 година, кога напад на Хамас на југот ја предизвика војната во Газа.
Израел изјави дека операциите биле насочени кон милитантите на Западниот Брег.
Но, Палестинците и групите за човекови права велат дека меѓу загинатите има и десетици цивили, додека десетици илјади луѓе се раселени од своите домови.
Примирјето во Газа, посредувано од Соединетите Американски Држави (САД), е во сила од неговото започнување на 10 октомври.
Доцна синоќа, израелската армија објави дека останките на уште еден заложник се предадени на Израел, како што е предвидено во договорот.
Од почетокот на примирјето, Хамас ги предаде телата на 16 заложници на Израел и треба да предаде уште 12, но Хамас вели дека има тешкотии да ги пронајде телата во опустошената Газа.
Во замена за враќањето на телата на заложниците, Израел досега ги предаде телата на 195 Палестинци во Газа, од кои помалку од половина се идентификувани.
Во текот на викендот, Египет испрати тим експерти и тешка опрема за да помогне во потрагата по телата на заложниците кои сè уште се во Газа, а тие ја продолжија својата работа вчера.
Последните 20 живи заложници беа предадени на Израел на почетокот на примирјето, а во замена за нив, според договорот, Израел ослободи околу 2.000 палестински затвореници.

