Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, изјави дека сите земји што сакале да бидат дел од БРИКС се откажале од тие амбиции поради американските царински тарифи.
„Им кажав на сите што сакаат да бидат во БРИКС дека е во ред, но дека ќе воведеме царини на нивните земји. Сите истапија напред. Сите се откажаа од БРИКС. БРИКС е напад врз доларот и јас реков „ако сакате да ја играте таа игра, ќе воведам царини на сите ваши производи што влегуваат во САД“. Тие рекоа, како што реков, „го напуштаме БРИКС“… Тие дури и не зборуваат за тоа повеќе…“, рече Трамп на прес-конференција во вторник, а таа го објави денес азиската новинска агенција АНИ, повикувајќи се на снимки од Белата куќа.
Трамп истакна дека политиката на САД, заедно со заканата од царини, била одлучувачки фактор за повлекувањето на земјите од планираното членство во економскиот сојуз БРИКС.