Американскиот претседател Доналд Трамп повторно го критикуваше рускиот претседател Владимир Путин за време на прес-конференцијата во вторник во Белата куќа.
Трамп рече дека рускиот лидер едноставно не е подготвен да ја заврши „својата војна во Украина“, објави Ројтерс.
„Слушајте, многу сум разочаран бидејќи Владимир и јас имавме многу добри односи, веројатно сè уште имаме. Тој навистина мора да ја реши оваа војна. Знаете, во моментов во Русија има долги редици луѓе што чекаат гас“, рече Трамп.
„Сите го напуштаат БРИКС поради американските царини“
Трамп рече дека сите земји што сакаа да бидат дел од БРИКС се откажаа од тие амбиции поради американските царини.
„Им кажав на сите што сакаат да бидат во БРИКС дека е во ред, но дека ќе воведеме царини на нивните земји. Сите истапија напред. Сите се откажаа од БРИКС. БРИКС е напад врз доларот и јас реков „ако сакате да ја играте таа игра, ќе воведам царини на сите ваши производи што влегуваат во САД“. Тие рекоа, како што реков, „го напуштаме БРИКС“… Тие дури и не зборуваат за тоа повеќе…“, рече Трамп на прес-конференција во вторник, а таа го објави денес азиската новинска агенција АНИ, повикувајќи се на снимки од Белата куќа.
Трамп истакна дека политиката на САД, заедно со заканата од царини, била одлучувачки фактор за повлекувањето на земјите од планираното членство во економскиот сојуз БРИКС.