Би-Би-Си објави дека поранешниот британски премиер Тони Блер е вклучен во разговори за водење преодна влада во Газа доколку има прекин на огнот.
Блер, кој ја предводеше Велика Британија во војната во Ирак во 2003 година, учествува во разговори на високо ниво со сите страни за да се стави крај на војната и да се планира иднината на палестинските територии по конфликтот.
Во срцето на најновиот предлог, што го дискутираа американскиот претседател Доналд Трамп и арапските лидери во ОН оваа недела, е идејата Газа да биде управувана од преодно тело поддржано од ОН и земјите од Заливот, пред власта да им се врати на Палестинците.
Една можност е Блер да ја предводи владата, иако неговата канцеларија нагласи дека тој нема да поддржи ништо што би ги протерувало жителите на Газа.
Средба со Трамп за плановите за Газа по војната
Во август, поранешниот британски премиер учествуваше на состанок во Белата куќа со Трамп каде што разговараа за плановите за Газа по војната, а специјалниот претставник на САД за Блискиот Исток, Стив Виткоф, го опиша состанокот како „многу сеопфатен“, но дополнителни детали не беа објавени, според Би-Би-Си.
Откако ја напушти функцијата премиер во 2007 година, Блер беше претставник за Блискиот Исток на Квартетот на меѓународни сили (САД, ЕУ, Русија и ОН) неколку години, фокусирајќи се на економскиот развој на Палестина и воспоставувањето услови за решение со две држави.
Како премиер, Блер донесе одлука за вклучување на британските сили во војната во Ирак во 2003 година, што беше жестоко критикувано во официјална истрага за дејствување врз основа на непроверени разузнавачки информации за постоењето на оружје за масовно уништување.
Отфрлена е улогата на Хамас во идното управување со Газа
Разговорите за неговата улога во преодната влада за Газа доаѓаат откако палестинскиот претседател Махмуд Абас вчера изјави дека е подготвен да соработува со Трамп и други светски лидери за спроведување на мир со две држави.
Абас ја отфрли улогата на Хамас во идното управување со Газа и побара нивно разоружување, пишува Би-Би-Си.
Порано оваа недела, Велика Британија официјално ја призна државата Палестина, заедно со Канада и Австралија, по што следеа и други земји како Франција и Данска, додека Израел и САД го критикуваа потегот како „награда за Хамас“.
Стармер нагласи дека овој дипломатски потег значи дека Хамас нема иднина, улога во владата или безбедноста и е спротивен на нивната „визија исполнета со омраза“.
Израелската војска започна кампања во Газа како одговор на нападот на Хамас врз јужен Израел на 7 октомври 2023 година, во кој загинаа околу 1.200 луѓе, претежно цивили, а 251 беа земени како заложници.
Оттогаш, најмалку 65.419 луѓе се убиени во израелските напади во Газа, според здравствените власти под власта на Хамас.
Комисијата за истрага на Обединетите нации изјави дека Израел врши геноцид врз Палестинците, што Израел го негира.