На повеќе локации во Куманово, вчера беше спроведена кампања за подигнување на јавната свест за заштита на децата, жените и старите лица – жртви на семејно насилство.
Акцијата ја реализираа Отсекот за превенција при СВР Куманово и Општинскиот совет за превенција на детско престапништво.
На граѓаните им беа поделени едукативни флаери со наслов „Пријави насилство“, во кои се содржани совети и насоки за начини на пријавување и добивање помош.
Организаторите апелираа сите лица кои трпат психичко или физичко насилство веднаш да се обратат до СВР Куманово и Основното јавно обвинителство, со цел навремено спречување на ваквите кривични дела.
Посебен апел беше упатен и до стручните служби во училиштата да внимаваат на ученици кои покажуваат знаци на насилно однесување, изразено преку незадоволство, гнев или врсничко насилство.
Кампањата ќе продолжи и во наредните денови со активности насочени кон превенција и зајакнување на свеста за последиците од семејното и врсничкото насилство.