Претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола, утрово пристигна во Киев за да се сретне со украинскиот претседател Володимир Зеленски и претседателот на Врховната рада, Руслан Стефанчук.
Мецола најави дека за време на посетата ќе ја потврди континуираната поддршка на Европската унија кон Украина, како и посветеноста на Европскиот парламент за постигнување праведен мир, објави Анса.
Исто така, беше наведено дека Мецола ќе ја нагласи важноста на силните санкции против Русија и зајакнувањето на парламентарната соработка со цел што е можно поскоро пристапување на Украина во ЕУ.
Еден од клучните моменти од посетата ќе биде официјалното отворање на претставништвото на Европскиот парламент во Киев, кое се смета за важен симбол на дополнителна поддршка за Украина во нејзината европска интеграција, објави италијанската агенција.