Полскиот премиер Доналд Туск се обрати на медиумите пред вонредниот владин состанок на кој ќе учествуваат и полски генерали.
Во своето обраќање до јавноста, Туск рече дека е задоволен од реакцијата на Полска на актуелните вонредни настани.
„Процедурите функционираа, процесот на донесување одлуки беше беспрекорен, а заканата беше елиминирана благодарение на решителната акција на командантите, војниците, пилотите, па дури и сојузниците. Најверојатно станува збор за провокација од големи размери. Ние сме во консултација со нашите сојузници“, рече Туск, пренесува Klix.ba.
Тој, исто така, истакна дека ова е прв пат руски беспилотни летала да бидат соборени на територијата на НАТО.
„Ова е прв пат руски беспилотни летала да бидат соборени над територијата на земја-членка на НАТО. Сите наши сојузници ја сфаќаат ситуацијата многу сериозно. Не сме регистрирале жртви. Потрагата по остатоците од соборените беспилотни летала е во тек. Полека ги отвораме аеродромите. Нивното затворање не беше предизвикано од заканата од напад врз аеродромите. Ова беше неопходно поради ситуацијата и оперативните потреби на нашите пилоти“, објасни тој.
Премиерот, исто така, објави дека е во контакт со армијата и претседателот Карол Навроски.
„Го проценуваме влијанието на настанот и идните потреби. Оваа ситуација ја покажува важноста не само на инвестициите, туку и на целосната координација на дејствијата и едноставните процедури, за да можеме во случај на закана да дејствуваме соодветно и решително“, заклучи Туск.