Музичките групи „Ареа“ и „Ван Гог“ ќе бидат главните ѕвезди на овогодинешното издание на рок-фестивалот „Џојфест“ во Крива Паланка, а со свој настап програмата ќе ја збогатат и кривопаланечките бендови „Машина“ и „Стоп“.
Забавата ќе продолжи и до раните утрински часови, кога за добрата музика ќе биде задолжен светски реноминраниот диџеј Гоце.
„Џојфест“ се организира под покровителство на општина Крива Паланка, а годинава е дел и од „Топол културен бран“, поддржана од Министерството за култура.
Во текот на овие години фестивалот беше позитивно прифатен од публиката од градот, соседните општини, но и од пограничните општини од соседна Бугарија и Србија, кои доаѓаат во голем број. Сметам дека ова е настан кој на општо задоволство на повеќе генерации нуди одлична програма – изјавил градоначалникот на Крива Паланка, Арсенчо Алексовски.
Самата манифестација ќе има хуманитарен карактер при што во координација со ОО Црвен Крст ќе бидат поставени штандови со кутии каде ќе може да се донираат пари за настраданите во скопскиот регион.
„Џојфест“ ќе се одржи на 20 август на градскиот плоштад „Карпошово востание“. Почнува во 19 часот, а угостителските објекти во градот ќе имаат продолжено работно време.