Две лица починаа, а најмалку 58 лица се заболени од легионерска болест што избувна во Харлем минатата недела, соопштија властите на градот Њујорк.
Здравствениот оддел на градот Њујорк издаде предупредување за епидемија во четврток, кога едно лице почина, а 22 се разболеа, пишува ABC News.
Легионерска болест е вид на пневмонија предизвикана од бактеријата „легионела“, која расте во топла вода и се пренесува со вдишување на контаминирана водена пареа.
Симптомите вклучуваат кашлица, треска, болки во мускулите и отежнато дишење, а посебно внимание треба да се посвети на лицата над 50 години, пушачите и лицата со хронични белодробни заболувања.
Здравствените власти ги повикаа жителите на Харлем и околните области веднаш да побараат медицинска помош доколку развијат симптоми слични на грип.
„Легионерската болест може ефикасно да се лекува ако се дијагностицира рано“, изјави вршителката на должноста комесар за здравство Мишел Морс.
Болеста се шири со вдишување на водена пареа што ги содржи бактериите, како на пример од ладилни кули, џакузи и клима уреди.
Службениците нагласија дека болеста не е заразна и може да се лекува со антибиотици.
Детали за починатите сè уште не се објавени.