Објавен оглас за ангажирање на 30 пожарникари во Куманово

Сподели со своите пријатели

Во рамки на активните мерки за вработување за 2025 година, Општина Куманово објави јавен оглас за работно ангажирање на 30 невработени лица.

Loading...

Огласот е наменет за невработени граѓани кои се евидентирани како активни баратели на работа во Агенцијата за вработување и кои се подготвени да се вклучат во конкретни теренски активности за заштита на животната средина и превенција од пожари на локално ниво.

Ангажманот ќе трае до пет месеци, а на секое ангажирано лице ќе му биде исплатен месечен надомест од 24.000 денари.

Надоместот вклучува и осигурување во случај на повреда при работа, како и плаќање на личен данок. Средствата за исплата се обезбедени од Буџетот на Агенцијата за вработување – потсметка за активни програми и мерки.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Пожар кај поранешниот хотел „КУ-БА“

Кои се условите за пријавување?

Право на учество имаат лица до 55-годишна возраст со општа здравствена и психофизичка способност. Апликантите не смеат да боледуваат од кардиоваскуларни или белодробни заболувања, епилепсија или дијабетес, што треба да се потврди со документ издаден од матичен лекар.

Покрај тоа, заинтересираните кандидати се обврзани да потпишат изјава за доброволно учество и прифаќање на сите обврски што произлегуваат од мерката, во согласност со Оперативниот план, договорот за учество и релевантните закони од областа на шумарството и противпожарната заштита.

Обука пред почетокот на ангажманот

Пред да започнат со работа, избраните кандидати ќе посетат обука организирана од Противпожарниот сојуз на Македонија. Обуката вклучува ракување со противпожарна опрема и стекнување вештини за превенција и интервенција при пожари. По завршувањето, учесниците ќе добијат потврда за стекнатите знаења.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Приведен кумановец, затекнат додека краде

Работното ангажирање ќе се реализира преку општината во соработка со Дирекцијата за заштита и спасување (а по потреба и со Министерството за животна средина и просторно планирање), согласно законските обврски и оперативните потреби на теренот.

Loading...

Обврски на ангажираните лица

За времетраењето на ангажманот, учесниците се должни:

– редовно да присуствуваат и совесно да ги извршуваат работните задачи;

– во случај на отсуство да го известат организаторот во рок од 24 часа и да приложат доказ;

– да постапуваат дисциплинирано, да го чуваат имотот и опремата;

– да ја надоместат направената штета, доколку истата е резултат на нивна невнимателност;

– да бидат достапни за активности и на територија на друга општина, доколку тоа го наложи планот на работа во координација со локалната самоуправа и ДЗС.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Стефан од Куманово тргнува пеш до Крушево во чест на Илинден (ВИДЕО)

Сите права и обврски ќе бидат прецизирани со Договор кој ќе се склучи меѓу вклучените институции и кандидатите.

Каде и кога да се пријавите?

Пријавувањето за учество во мерката е отворено од 10 до 17 јули 2025 година, секој работен ден од 08:00 до 15:00 часот во Центарот за вработување Куманово.

Loading...

Потребни документи за аплицирање се:

– пријава (се пополнува во Центарот за вработување),

– потврда од матичен лекар за здравствена и психофизичка способност,

– изјава за согласност за учество (се пополнува во Центарот).