Пожарот кој неколку дена гореше во село Длабочица во Општината Старо Нагоричане е изгаснат, а огнот уништил околу 50 хектари борова и дабова шума.
Во гаснењето интервенирале две противпожарни возила и 7 пожарникари, 13 лица вработени во Шумско Стопанство, како и 10 мештани од селото.
Според Командирот на ТППЕ Старо Нагоричане Далибор Трајковски пожарот е изгаснат околу 19 часот и две екипи на Шумско стопанство останале на терен да внимаваат на две критични точки.
– Се работи за многу стрмен и неприоден дел со мешана шума каде што има и поголем дел од борова шума. Има многу долови, карпести места, многу тешко проодни за гаснење со нога, а за возила да не зборам. Проценките грубо по обиколка на терен се дека се изгорени околу 50 хектари шума, изјави Трајковски.
Како што додаде сега надлежните треба да утврдат дали човечки фактор е причината за избувнување на огнот.
Територијалната противпожарна единица Старо Нагоричане покрива голем регион, каде се наоѓа и Козјачијата со големи шумски пространства и непристапен терен. Но, и човечките ресурси и опрема со кои располагаат се скромни.
– Ние располагаме со девет пожарникари, со две противпожарни возила, тие се многу стари, 81-ва година и 88ма година. Секако дека имаме потреба и пожелно е да го обновиме возниот парк, пожално е да има барем и кога почнува сезонава осум, би рекол и макар четворица дополнителни пожарникари. И самата старост на возилата, колку и да се исправни возилата тие се амортизирани и стари. Теренот е огромна територија, патиштата се такви какви што се, луѓето се иселуваат сето тоа е дополнителна потешкотија кога ќе избувне пожар на планинските места и за самото доаѓање треба многу време, вели тој.
Пожарникарите во Старо Нагоричане вчера бележат интервенција и на запалена стара племна во селото Коинце. Двајца пожарникари гаснеле во период од 17:15 до 20:00 часот.
Никола Ивановски