Француската војска учествуваше во напорите за спречување на иранските беспилотни летала кои гаѓаат цели во Израел пред прекинот на огнот оваа недела, изјави францускиот министер за одбрана Себастијан Лекорну.
„Можам да потврдам дека француската армија пресретнала нешто помалку од 10 беспилотни летала во последните неколку дена за време на неколку воени операции спроведени од Иран против Израел, или со системот земја-воздух или со нашите авиони Рафал“, рече францускиот министер во парламентарна дебата за ситуацијата на Блискиот Исток, објави Ројтерс.
Лекорну додаде дека за време на 12-дневниот конфликт, Иран лансирал околу 400 балистички ракети и 1.000 беспилотни летала во правец на Израел.
Израел започна напад врз Иран на 13 јуни, наведувајќи дека целта била да се уништат нуклеарните капацитети на земјата, потсети агенцијата.
Во нападите загинаа ешалон од врвните воени команданти на Иран и неколку нуклеарни научници.
Иранските власти објавија дека 610 лица се убиени, а речиси 5.000 се повредени во израелските напади, пренесува Танјуг.
Во одмаздничките напади од страна на Техеран, најмалку 28 лица беа убиени во Израел, а стотици згради беа оштетени, сè до стапувањето на сила на прекинот на огнот во вторник, потсети Ројтерс.