Во фоајето на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, во вторник со почеток во 18:30 часот, ќе се одржи промоција на новата стихозбирка на Филип Петровски – „Во потрага по душа близначка“.
Филип Петровски е уметник кој не се ограничува само на еден израз – тој е музичар кој пишува и писател кој музицира. Со својата четврта книга по ред, овојпат по два романи и една збирка раскази, тој ѝ се обраќа на публиката преку најинтимниот жанр – поезијата.
Новата стихозбирка претставува колекција од децениско творештво, мозаик од љубовни, општествени, духовни и религиозни песни, во кои, според авторот, „секој читател ќе може да се препознае“.
Покрај книжевното претставување, вечерта ќе биде збогатена и со музички момент – Петровски ќе настапи со авторска композиција за клавир, што ја најавува како дел од неговиот уникатен уметнички израз.
Промотори на книгата ќе бидат Драгица Стаменковиќ и Анкица Бојковска, кои ќе говорат за значењето и длабочината на поетскиот јазик на авторот.
Никола Ивановски