Патниците на „Рајанер“ чие несоодветно однесување ќе доведе до нивно отстранување од авионот во иднина автоматски ќе бидат казнети со најмалку 500 фунти (околу 585 евра), објави компанијата.
Најголемата европска авиокомпанија наведува дека ова е минималната казна и дека ќе продолжи да бара надомест на штета од патниците кои се отстранети, вклучувајќи ги сите дополнителни трошоци настанати поради инцидентот, преку судовите, пишува „Гардијан“.
„Рајанер“, кој во деловната 2024/25 година превезе повеќе од 200 милиони патници, тврди дека ваквите инциденти се ретки и индивидуални, но дека им се случуваат на сите авиокомпании и дека се предизвикани од „мал број недисциплинирани патници“.
Проблематичните патници веќе ризикуваат високи казни, кривични пријави, па дури и затворски казни.
Британската агенција за регулирање на цивилното воздухопловство (CAA) истакнува дека таквите патници може да бидат обврзани да ги платат трошоците за пренасочување на авионот, кои лесно можат да надминат 10.000 фунти.
За консумирање алкохол и пијанство во авионот е предвидена максимална казна од 5.000 фунти и до две години затвор, додека за посериозни прекршоци што ја загрозуваат безбедноста на летот, казната е до пет години затвор.
Извршниот директор на „Рајанер“, Мајкл О’Лири, претходно побара воведување ограничување од не повеќе од два алкохолни пијалоци по патник на аеродромите, со цел да се спречи сè понесоодветно однесување за време на летовите, објавува „Сибиз“.
Во јануари оваа година, „Рајанер“ започна судска постапка во Ирска против патник кој наводно го прекинал летот до Канарските Острови во 2024 година.
Авионот што летал од Даблин до Ланзароте морал да биде пренасочен кон Португалија, а авиокомпанијата сега бара отштета од 15.000 евра, што би ги покрило трошоците за ноќевање и други дополнителни трошоци за 160-те патници кои изгубија цел ден одмор поради инцидентот.
„Рајанер“ изјави дека се надева дека новите правила ќе имаат ефект на одвраќање и ќе го обесхрабрат неприфатливото однесување.
Тие предупредуваат дека грубите, агресивни или пијани патници можат сериозно да го нарушат летот, а во најсериозните случаи, да ја загрозат безбедноста на авионот, што може да доведе до принудно слетување.