Доналд Трамп Џуниор, син на претседателот Доналд Трамп, се соочува со остри критики на социјалните мрежи поради невкусна порака за дијагнозата рак на поранешниот претседател Џозеф Бајден.
Сепак, на почетокот, Трамп помладиот се чинеше дека искрено му посакува на Бајден се најдобро, објавува „Хафингтон пост“.
Откако беше објавено дека поранешниот претседател има агресивна форма на рак на простата што се проширил на неговите коски, Трамп помладиот сподели објава во која напиша: „Без оглед на политиката, му посакуваме брзо закрепнување“.
„Се согласувам 100%“, додаде тој во својот коментар на објавата.
Сепак, тој тон „надвор од политиката“ траеше само три часа.
Потоа објави порака во која ја исмева поранешната прва дама Џил Бајден, која има докторат по образование, и алудира на теорија на заговор.
„Она што ме интересира е како д-р Џил Бајден не успеа да дијагностицира рак во стадиум 5 со метастази? Или е ова уште едно прикривање???“, напиша тој, со порака во која се тврди дека е „многу веројатно“ дека Бајден ја добил дијагнозата додека бил претседател, но не ја открил на јавноста.
Потоа ја закачи таа порака на врвот од својот профил на мрежата X (порано Твитер).
Неговата порака е во остра спротивност со онаа објавена од неговиот татко, Доналд Трамп, кој му посака на Бајден „брзо и успешно закрепнување“, како и со изјавите на други познати личности од движењето MAGA, како што е конгресменката Марџори Тејлор Грин (републиканка од Џорџија), која рече дека „жали“ за веста и се моли за поранешниот претседател и неговото семејство.
Доналд Трамп помладиот се соочува со многу критики за неговата објава и нападите врз семејството Бајден.
„Ги загубив двајцата родители од рак. Оваа порака од него е одвратна и навредлива за секој пациент и неговото семејство кое се справува со оваа подмолна болест. Пораснете веќе“, се вели во една од многуте пораки упатени до Доналд Трамп помладиот.
Да потсетиме, на поранешниот претседател на Соединетите Американски Држави, Џозеф Бајден, му беше дијагностицирана „агресивна форма“ на рак на простата, според неговата канцеларија, која наведе дека ракот се проширил на коските.
„Минатата недела, претседателот Џозеф Бајден беше прегледан за откривање на јазол на неговата простата откако доживеа зголемени уринарни симптоми. Во петокот, му беше дијагностициран рак на простата, со Глисонов скор од 9 (Група 5) и метастази во коските“, се вели во соопштението, според Си-Ен-Ен.
Иако ова претставува поагресивна форма на болеста, се чини дека ракот реагира на хормони, што овозможува ефикасен третман на болеста, се вели во соопштението.
Бајден и неговото семејство „разговараат за опциите за лекување со своите лекари“, се додава во соопштението.