Гренланд загуби сателитски сигнал, по масовното „затемнување“ во Шпанија

Сподели со своите пријатели

Оддалечените области во Гренланд останаа без пристап до клучните услуги што зависат од сателитските сигнали, вклучувајќи интернет и телефони, соопшти доцна синоќа најголемата телекомуникациска групација во Гренланд и најави дека ќе испита дали губењето на сигналот е поврзано со масовниот колапс на електричната мрежа во Шпанија.

Loading...

Гренландската телекомуникациска компанија „Тусас“ соопшти дека ја изгубила врската со сателитскиот комуникациски центар лоциран во Шпанија, од кој се обезбедуваат телефонски, интернет, телевизиски и радио услуги, пренесува „Ројтерс“.

„Моментално, немаме врска со нашиот центар за сателитски врски во Маспаломас, Шпанија, од кој зависиме за да им обезбедиме услуги на клиентите во нашата сателитска зона“, се вели во соопштението на Тусас.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Санчез свика кризен совет: Шпанија се опоравува од голем прекин на струја

Засегнатите области се оддалечени населби во Гренланд и засега не е можно со сигурност да се каже колку луѓе се погодени од ова прекинување на сателитскиот сигнал.

Доцна синоќа, струјата почна да се враќа во многу области на Иберискиот Полуостров, откако голем прекин на електричната енергија ги остави голем дел од Шпанија и Португалија без струја.