Шпанскиот оператор „Ред Електрика“ денес објави дека до пет часот по локално време, повеќе од 92 проценти од потрошувачите биле снабдени со електрична енергија, како и дека сите трафостаници биле под напон.
Како што е наведено, во наредните часови се очекува целосна нормализација на снабдувањето со електрична енергија, објавува Паис.
Големи делови од Шпанија и Португалија останаа без електрична енергија во понеделник наутро, а во Шпанија најголемите проблеми беа во железничкиот сообраќај, бидејќи стотици луѓе ја поминаа ноќта на станиците.
Министерот за транспорт Оскар Пуенте објави дека брзиот и дел од приградскиот сообраќај ќе продолжат наутро, додека операторот „Ренфе“ објави дека врските меѓу Мадрид и Барселона, Леванте, Баскија, Малага и Гранада се нормализирани.
Утрово ќе се одржи уште една седница на Советот за национална безбедност, на која ќе претседава премиерот Педро Санчез, а ќе присуствува и кралот Фелипе VI.
Прекинот на електричната енергија предизвика огромни проблеми – сообраќајот беше во хаос бидејќи семафорите не работеа, железничкиот сообраќај беше запрен, сообраќајот со авиони беше отежнат, додека болниците работеа со помош на генератори.
Плаќањата со картички беа оневозможени, а продавниците, аптеките и рестораните беа затворени.