Пентагон се соочува со сериозна криза откако беше откриено постоењето на втора Сигнал група во која американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет наводно споделувал чувствителни информации за воените операции.
Покрај Хегсет, во групата учествувале и неговата сопруга, брат и уште десетина луѓе, што предизвика повици за негова оставка и доведе до жестоки политички реакции во Вашингтон.
Поранешниот портпарол на Пентагон, Џон Уљот, кој поднесе оставка минатата недела, ја опиша ситуацијата во Министерството за одбрана како „целосен распад на системот“.
Во авторски текст за Политико, Уљот изјави дека првите неколку месеци од вториот мандат на Трамп биле обележани со масовни отпуштања и хаос во одбранбениот апарат.
„Од објавување на доверливи оперативни планови до масовни отпуштања, нефункционалноста стана голем проблем што го попречува претседателот кој заслужува подобро од неговиот врвен персонал“, напиша Уљот.
„Њујорк тајмс“ објави извештај во неделата дека, покрај добро познатата Сигнал група формирана од советникот за национална безбедност Мајк Волц, Хегсет создал своја група во која ги споделувал истите информации со лични контакти – вклучително и распоред на летови на Ф/А-18 Хорнетс за напади врз цели на бунтовниците во Јемен.
Гардијан независно го потврди постоењето на втора група на Сигнал.
Брзо следеа реакции – сенаторот Тами Дакворт од Илиноис, воен ветеран и член на Демократската партија, рече дека Хегсет претставува директна закана за безбедноста на американските војници.
„Колку пати Пит Хегсет треба да објавува доверливи информации пред Трамп и републиканците да сфатат дека тој не само што е лажго, туку и закана за националната безбедност? рече Дакворт.
„Секој ден што го поминува на должност е ден кога нашите војници се дополнително загрозени поради неговата невидена глупост.“
Слични оценки даде и сенаторот Џек Рид од Род Ајленд, член на Комитетот за вооружени служби на Сенатот.
Тој рече дека Хегсет мора итно да објасни зошто испратил доверливи информации преку комерцијална апликација до група која вклучува негови роднини и личен адвокат.
„Порано предупредував дека Хегсет нема искуство, компетентност и карактер да го води Пентагон. Хаосот што го гледаме сега само го потврдува тоа“, рече Рид.
Претседателот Трамп, од друга страна, застана во одбрана на својот министер на традиционалниот велигденски настан во Белата куќа, нарекувајќи ги извештаите „лажни вести“ и алудирајќи на фактот дека тие доаѓаат од разочарани поранешни вработени.
„Пит прави одлична работа. Прашајте ги Хутите како им оди. Тој е таму за да го исчисти системот, а кога ќе го направи тоа, нема да стекне многу пријатели“, рече Трамп.
Хегсет ги отфрли обвинувањата, нарекувајќи ги „клевета од разочарани поранешни вработени“ и додаде дека Пентагон под негово раководство се враќа „во рацете на воините“.
Портпаролот на Пентагон, Шон Парнел, на мрежата Х објави дека нема истекување на доверливи информации и ги обвини „омразители на претседателот Трамп“ за оркестрирана кампања.
„Уште една стара приказна, извлечена од гроб“, напиша Парнел.
„Медиумите кои го мразат Трамп не се откажуваат од уништување на кој било лојален на агендата на претседателот. Нема тајни информации во Сигналните групи, без разлика како тие се обидуваат да го прикажат.
Џон Уљот заклучи дека Пентагон под Хегсет повеќе не е фокусиран на војување, туку на „бескрајна драма“, предупредувајќи дека „претседателот заслужува подобро од овој циркус“.