Бразилската министерка за надворешна трговија Татјана Празерес предупреди, по најавата на американскиот претседател Доналд Трамп за воведување царини за увоз на автомобили, дека глобалната трговија е под зголемен ризик да се користи како оружје.
Таа, исто така, верува дека тензиите во Светската трговска организација (СТО) најверојатно ќе се влошат пред да се подобрат, пренесува Ројтерс.
Американскиот претседател воведе царина од 25 отсто за сите автомобили и лесни возила и главните делови како што се моторите и менувачите увезени во САД.
Празерес, која се обрати на глобалната трговска конференција во лондонската Чатам хаус преку видео врска, исто така го критикуваше сè поагресивниот пристап што земјите како САД сега се повеќе го прифаќаат.
„Она што го гледаме денес е дека трговијата се користи како моќен лост и постои голем ризик трговијата сè повеќе да се користи како оружје. Не знаеме каде тоа ќе не однесе“, предупреди таа. Бразил, додаде таа, останува посветен на мултилатерализмот и СТО.
Лула најави жалба до СТО
Бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва веќе најави дека ќе поднесе жалба до СТО поради царините од 25 отсто на Трамп за бразилскиот челик.
„Мислам дека немаме можност да промовираме големи промени во овој момент. Може да се влоши само пред да се подобри“, рече Празерес.
Таа додаде дека Бразил сака да воспостави нови трговски коалиции и „да ги брани своите трговски односи засновани на правила со земјите кои се подготвени да го сторат тоа“.
„Размислуваме за проширување на нашата мрежа на трговски договори“, рече таа. Како пример таа го наведе договорот за слободна трговија меѓу Европската унија и јужноамериканскиот блок Меркосур, пренесува Хина.
„Подготвени сме да промовираме правила засновани на трговија. Подготвени сме да бараме предвидливост и стабилност“, заклучи Празерес.