Советот за безбедност на Обединетите нации за денеска закажа состанок на кој ќе се разговара за ситуацијата во Газа и „палестинското прашање“, бидејќи Израел изврши нови воздушни напади врз енклавата.
Средбата била планирана уште пред Израел да ја нападне Газа ноќта меѓу понеделникот и вторникот, пишува „Тајмс оф Израел“.
Најмалку 308 лица загинаа во израелскиот напад на Газа утринава, изјавија медицински извори за Ал Џезира.
Меѓу загинатите има и 154 лица од северниот дел на територијата, велат истите извори.
Како што беше претходно наведено, нападот дојде по застојот во преговорите за продолжување на прекинот на огнот со Хамас.
Ова е најголемиот напад од почетокот на прекинот на огнот меѓу Израел и палестинската милитантна група Хамас во јануари, според Гардијан.
Претставници на израелската влада рекоа дека операцијата е без крај и дека ќе се прошири.
Белата куќа соопшти дека била консултирана и ги поддржала израелските акции и го обвини Хамас за обновените борби.
Портпаролот на Советот за национална безбедност на САД, Брајан Хјуз изјави дека прекинот на огнот можел да биде продолжен доколку Хамас ги ослободил заложниците, но „наместо тоа групата избрала војна“.
Израелскиот министер за одбрана Израел Кац изјави дека „портите на пеколот ќе се отворат во Газа“ доколку преостанатите заложници не бидат ослободени.
Дипломатските напори на Египет, Катар и САД да посредуваат во втората фаза од прекинот на огнот досега не дадоа резултати, посочува АП.
Хамас инсистира на целосно повлекување на израелските сили од Газа во замена за ослободување на преостанатите заложници, додека Израел одбива да ја прекине војната додека не ја уништи воената и политичката структура на Хамас.