Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Каја Калас денеска изјави дека Европската унија и нејзините партнери штотуку ветија 5,8 милијарди евра помош за Сирија и нејзините соседи.
Калас на платформата Х напиша дека ќе ја поддржат Сирија во клучен момент на транзиција и ќе одговорат на „огромните потреби на теренот“.
„Ова е шанса за народот на Сирија да го искористи моментот и да ја обликува сопствената судбина“, нагласи Калас.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен изјави претходно денеска дека ЕУ планира да ја зголеми поддршката за Сиријците на околу 2,5 милијарди евра за 2025 и 2026 година.
„На Сиријците им треба поголема поддршка, без разлика дали се уште се во странство или ако одлучат да си одат дома, и затоа денес Европската унија ја зголемува најавената поддршка за Сиријците во земјата и регионот на речиси 2,5 милијарди евра за 2025 и 2026 година“, рече Урсула фон дер Лајен.
Повторувајќи ја потребата од обнова на градовите и рестартирање на економијата, фон дер Лајен рече дека „има цели градови за обнова и цели економии за рестартирање, и затоа ги суспендиравме санкциите за клучните економски сектори“.
„Ова го вклучува енергетскиот транспорт и финансиските трансакции поврзани со нив, и ние сме подготвени да направиме повеќе за да ги привлечеме потребните инвестиции за реконструкција“, рече Фон дер Лејен, пренесува Anadolu Agency.
Таа, исто така, изјави дека посветеноста на сириските власти за заштита на малцинствата и формирање инклузивна влада е „витална“ за помирувањето.