Холандија ќе обезбеди околу 3,5 милијарди евра помош за Украина во 2026 година, најави премиерот Дик Шоф за време на парламентарната дебата за војната во Украина и одбраната на Европа.
Според него, оваа сума ја продолжува досегашната политика на помагање на Украина, објави NL Times.
Сепак, лидерот на Партијата за слобода (ПВВ) Герт Вилдерс не вети поддршка за таа сума.
Од 4 февруари, Холандија веќе обезбеди повеќе од 5,88 милијарди евра воена помош за Украина, се вели во писмото на министерот за надворешни работи Каспар Велдкамп и министерот за одбрана Рубен Брекелманс до парламентот минатиот месец.
Оваа помош вклучуваше и финансиски придонеси во меѓународни фондови.
Шоф веќе го информираше украинскиот претседател Володимир Зеленски дека Холандија ќе одвои 700 милиони евра за набавка на дронови, како дел од претходното ветување.
Опозициските партии побараа Холандија да направи повеќе за Украина и брзо да прецизира што е подготвена да придонесе.
Лидерот на партијата GroanLinks-Pvda, Франс Тимерманс, рече дека никогаш не бил толку загрижен за безбедноста на светот како што е сега.
Тој додаде дека не верува во намерите на рускиот претседател Владимир Путин во однос на мировните преговори.
Сепак, Вилдерс рече дека ќе ја поддржи помошта од 3,5 милијарди евра само доколку дополнителните средства се насочат и кон поевтина храна, пониски кирии и пониски трошоци за енергија.