Северна Кореја повторно им забрани на туристите да влезат во земјата, само неколку недели откако западните туристи влегоа во земјата за прв пат по пет години, јавува Би-Би-Си.
Северна Кореја влезе во целосна блокада за време на пандемијата на коронавирус на почетокот на 2020 година, со олеснување на мерките кои започнаа во средината на 2023 година.
Во 2024 година ги отвори своите граници за посетители од Русија, но дури минатиот месец им дозволи на западните туристи да влезат во далечниот источен град Расон.
Неколку туристички агенции сега наведуваат дека патувањата во затворената земја се откажани до понатамошно известување.
Пјонгјанг не наведе причина за оваа ненадејна суспензија.
„Штотуку добивме вест од нашите корејски партнери дека Расон е затворен за сите. Ќе ве информираме“, објави вчера на Фејсбук кинеската агенција KTG Tours, специјализирана за турнеи низ Северна Кореја.
Расон е прогласен за специјална економска зона
Прекин на турнеите најавија и Young Pioneer Tours и Koryo Tours.
Young Pioneer Tours на Facebook ги предупреди сите што планираат да патуваат во април и мај да не купуваат авионски билети додека не добијат повеќе информации.
Првите западни туристи почнаа да пристигнуваат на 20 февруари во Расон, град кој Северна Кореја го прогласи за специјална економска зона за тестирање на новите финансиски политики.
Туристичките водичи за Би-Би-Си изјавија дека движењата на посетителите биле уште построго ограничени отколку пред пандемијата, со помалку можности да шетаат низ градот и да разговараат со локалното население.
Во таа затворена земја, исто така, нема достапни телефонски сигнали или интернет конекции.
Во април требаше да се одржи и меѓународен маратон
Еден водич рече дека верува дека Расон е избран за туристи бидејќи областа е релативно затворена и лесна за следење.
Претходно оваа недела, Koryo Tours објави дека повторно прифаќа меѓународни апликации за маратонот во Пјонгчанг, за прв пат по пет години.
Трката беше планирана за 6-ти април, но сега не е јасно дали сè уште ќе се обработуваат апликациите.
Според извештаите на медиумите, Северна Кореја имала околу 350.000 странски туристи во 2019 година, од кои 90% биле Кинези.