Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека одлуката за продолжување на војната во Украина била донесена вчера во Лондон.
На самитот на кој присуствуваа лидерите на деветнаесет земји, беше одлучено поддршката за Украина да продолжи и дека повторното вооружување ќе биде неопходно за безбедноста на Европа.
„Во Лондон европските лидери одлучија дека е потребна војна, а не мир. Тие одлучија Украина да ја продолжи војната“, напиша Орбан на својот Фејсбук профил.
Тој додаде дека таквата одлука е „лоша, погрешна и опасна“ и дека Унгарија останува „на страната на мирот“.
Самитот, со кој претседаваше британскиот премиер Кир Стармер, собра 19 лидери, главно европски шефови на држави и влади, а меѓу учесниците беа и канадскиот премиер Џастин Трудо и новиот генерален секретар на НАТО Марк Руте.
На прес-конференција по средбата, британскиот премиер Стармер рече дека лидерите се согласиле за четири клучни точки.
Воената помош за Украина продолжува, а економскиот притисок врз Русија дополнително се зголемува.
Секој траен мир мора да го гарантира суверенитетот и безбедноста на Украина, а Украина мора да биде вклучена во сите мировни преговори.
Зајакнување на одбранбените капацитети на Украина во случај на мировен договор за спречување на идна инвазија и формирање „коалиција на подготвени“ да го заштити украинскиот суверенитет и да гарантира мир по постигнување договор.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен најави дека следната недела ќе претстави план за вооружување на Европа со цел зајакнување на безбедноста на Европската унија.
Кога станува збор за Украина, таа нагласи дека е неопходно да се осигура дека земјата има доволно оружје за да може да се одбрани од потенцијални напади.
Полскиот премиер Доналд Туск изјави дека „Европа се разбудила“ и дека никој на Запад нема намера да попушти пред „уцената и агресијата“ на рускиот претседател Владимир Путин.
Германскиот канцелар Олаф Шолц истакна дека европските лидери уште еднаш јасно ја потврдија својата посветена поддршка за Украина.