Секторот за внатрешни работи Куманово денеска повторно упати апел граѓаните да бидат внимателни на измамите со наводни сообраќајни незгоди.
Како што информираше портпаролот на кумановската полиција Ивана Младеновска, од почетокот на годинава имало шест измами, а само изминатата недела биле пријавени и шест неупсешни обиди.
– Според пријавите сторителите се јавуваат на телефон при што со лажно прикажување на факти ги доведуваат во заблуда граѓаните дека член на нивното семејство имал сообраќајна незгода и дека е потребно одредена сума на пари за да се изврши операција или да не бидат кривично гонети, појасни Младеновска.
Во врска со измамите, како што соопшти таа, било приведено едно лице, бугарски државјанин, кој во соработка со уште лица, извршил измами.
– Во врска со измамите од слобода беше лишено едно лице. На 12.02.2025 година во 15:40 часот во Куманово полициски службеници од СВР Куманово во содејство со Оддел за криминалистичка полиција и СВР Скопје го лишиле од слобода П.М. (59) од Република Бугарија. Тој се сомничи дека на територрија на Куманово во соработка со повеќе лица извршил измами со наводни сообраќајни незгоди над повеќе лица, изјави портпаролот Младеновска.
Полицијата апелира граѓаните да бидат внимателни кога непознати лица им се јавуваат на телефон, да не наседнуваат на измами во кои лажно се нудат услуги и сите сомнителни случаи да ги пријават.
– Секторот за внатрешни работи Куманово апелира до граѓаните да бидат претпазливи, а особено повозрасните лица, кога непознати лица им се јавуваат, да не наседнуваат на измами во кои лажно се нудат услуги и сите сомнителни случаи да ги пријават на 112, апрелираше Младеновска.
Во изминатиот период, полициските службеници од Отсекот за превенција спроведуваат и теренска кампања за да ги запознаат граѓаните со ваквите измами.
– Поради зачестени појави на измами и обиди за измами, во изминатиот период полициските службенци од Отсекот за превенција при СВР Куманово реализираат превентивни активности и во непосредна комуникација со граѓаните им укажуваат за начинот на кој се извршуваат измамите со наводни сообраќајни незгоди, потенцираше Младеновска.
СВР Куманово, вели таа, презема мерки и активности за проноѓање и санкционирање на сторителите на измамите.
Никола Ивановски