Поранешниот претседател на грчкиот парламент и претседателски кандидат на партијата Нова демократија, Константинос Тасулас е избран за претседател на Грција, со 160 гласа на пленарната седница на парламентот.
Тасулас победи во четвртиот круг од гласањето, што се одржа по повод крајот на мандатот на актуелната претседателка Катерина Сакеларопулу, кој завршува на 13 март, пишува „Катимерини“.
Неговите противкандидати Тасос Јаницис, Лукас Кацелис и Константинос Кирјаку добија значително помалку гласови, додека 39 пратеници беа воздржани, а 24 пратеници не се изјаснија.
Заклетвата на новиот претседател е закажана за 13 март, кога и официјално ќе ја преземе функцијата.
„Претседателството е чест, но и голема одговорност“
Новоизбраниот грчки претседател Константинос Тасулас рече дека функцијата претставува „највисока чест, но пред се голема одговорност“ и повика на „заедничка работа и единство на општеството“.
Во своето прво обраќање Тасулас истакна дека претседателот на државата треба да придонесе за „хармонично функционирање на институциите, зачувување на политичката стабилност и зајакнување на националното единство“, пишува „Катимерини“.
Тој, исто така, истакна дека приоритети на неговиот мандат ќе бидат безбедноста, просперитетот и меѓународниот углед на Грција.